Вие сте тука

ПРИМЕНА НА ИНДИКАТОРИ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО ПАТНИОТ СООБРАЌАЈ ВО Р.МАКЕДОНИЈА

ВОВЕД

За ефикасно управување со безбедноста во сообраќајот неопходно е познавање на постоечката состојба. Во денешно време освен традиционалниот пристап на утврдување на постоечката состојба, со користење на податоците за сообраќајните незгоди и последиците од сообраќајните незгоди, во употреба е и современ пристап, кој подразбира, употреба на индикатори за безбедност во сообраќајот (ИБС). ИБС претставуваат мерка за безбедност на сообраќајот, која на некој друг начин е поврзана со состојбата на безбедноста во сообраќајот, со сообраќајните незгоди, односно со последиците од сообраќајните незгоди. 

Индикаторите за следење на безбедноста на сообраќајот претставуваат значаен чекор напред во науката на безбедноста на сообраќајот и се користат за оценување и следење на состојбата на безбедноста на сообраќајот. Индикаторите може да се дефинираат како квантитативна и квалитативна мерка којашто е добиена преку серија на набљудувани факти. Индикаторот може да содржи големи количини на информации прикажани на едноставен начин што, ако се препознаат може да се искористат на соодветен начин, а во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот. 

Посебното значење на индикаторите во безбедноста на сообраќајот на патиштата може да се рефлектира во следење на примерокот, дефинирање и воспоставување на трендовите, предвидување на проблемите, оценување на влијанието, итн. Како што локалното ниво е едно од водечките поддржувачи на секој систем и општество, така и во однос на безбедноста на сообраќајот треба да се посвети целосно внимание на безбедноста на локално ниво. Во оваа смисла, особено е интересно да се напомене важноста и можноста за примена на индикаторите во безбедноста на сообраќајот на ниво на општините. Затоа е потребно да се изберат соодветни показатели за нивото на општините, со цел, да со следење на овие индикатори ќе им се овозможи на локалните власти не само да го дефинираат и следат статусот на безбедноста во сообраќајот, туку и да се дефинираат клучните области на делување со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот во општината.

ОСНОВНИ ИНДИКАТОРИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ 

Дефинираните основни индикатори имаат важно место во управувањето со безбедноста. За да имаме максимална корист од индикаторите, неoпходно е добро да се осмисли и на ист начин да се спроведе оптимален метод на снимање за секој од тие индикатори. Само тогаш ќе имаме споредливи резултати кои ќе ни помогнат за да ја разбереме состојбата и проблемите во безбедноста на сообраќајот, односно во планирањето и проектирањето на контра мерките, со што прецизно ќе ги одредиме одговорностите на поедините субјекти (надлежни министерства, институции на локалната заедница, итн.) за (не) спроведување на поедините мерки. 

За мерење на индикаторите потребно е секоја локална власт да дефинира работни групи на нивно на општина, кои што ќе бидат од редот на вработените во општината и Министерството за внатрешни работи, а Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) препорачува во оние општини каде што се формирани и функционираат Општински совети за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП), еден претставник од ОСБСП да биде член во работната група за следење и мерење на индикаторите.

Од страна на РСБСП дефинирани се 6 (шест) основни индикатори коишто ќе се следат во првата година, а коишто се однесуваат на возачите, индикатор кој се однесува на почитување/непочитување на брзината на движење, индикатор за користењето на системите за пасивна безбедност, индикатор кој ќе се однесува на возилата, индикатор за факторот пат, и индикатор кој ќе го опфати однесувањето на пешаците.

Индикаторот којшто се однесува на возачите во суштина ќе се однесува на два аспекти поврзани со возачите, и тоа: управување на моторно возило под дејство на алкохол, и возење пред стекнување со право за управување со моторно возило.

Мерењето на индикаторите коишто се однесуваат на брзината има за цел да ни ги детектира проблемите поврзани со почитувањето на ограничувањето на брзината на движење, односно да се добие информација за тоа колку од возачите го почитуваат ограничувањето на брзината на движење. 

Својствата на возилата (староста, безбедноста, опременоста, итн.) влијаат врз активната и пасивната безбедност на сообраќајот. Индикаторот којшто се однесува на возилата ни дава информација за бројот на нерегистрирани возила, односно за возила коишто се технички неисправни.  

Еден од најсериозните проблеми од аспект на безбедноста на сообраќајот е употребата на системите за заштита, посебно употребата на сигурносните појаси и заштитните кациги. Токму поради ова РСБСП овој индикатор го дефинира како основен и собирањето на податоците за овој индикатор ќе се врши на терен, односно со директна опсервација на сообраќајниот систем. 

Лошото планирање на просторот, посебно планирањето на патната мрежа, многу често предизвикува долгорочни проблеми врз безбедноста на сообраќајот, кои во некои случаи, многу тешко може да се надминат со подоцнежните мерки. Ризикот од незгоди посебно се зголемува на делниците на патиштата низ населените места (населените места вдолж патиштата за брз сообраќај) и на делниците каде во сообраќајот учествуваат ранливи учесници, а недостасува соодветна инфраструктура за ранливи учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, итн.). Овој индикатор се однесува на патната мрежа во локалните заедници, како и вкупната должина на пешачките и велосипедските патеки во локалната заедница.

Однесувањето на пешаците во сообраќајот, односно почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните правила од страна на пешаците претставува еден од круцијалните фактори за безбедноста на оваа категорија на учесници во сообраќајот. Имајќи го во предвид фактот што пешаците претставуваат една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, од страна на РСБСП е дефиниран индикатор којшто ќе се однесува на однесувањето на пешаците во сообраќајот.

Иако, на почетокот изгледа непрактично, следењето на наведените индикатори е прилично едноставно. Имено, кога еднаш ќе се воспостави соодветен метод на снимање, анализа и известување, подоцна е многу поедноставно ова периодично да се повторува и унапредува. РСБСП се стреми кон усогласување на основните индикатори и методи на снимање со најразвиените земји на Европа. Сепак, со оглед дека оваа е метода на следење на безбедноста на сообраќајот во развој, треба да се покаже и поголема иницијатива и да се даде придонес на глобалното воспоставување на оптималните методи на следење.

Кога ќе се воспостави снимање и следење на основните индикатори, локалната заедница може да ги разгледа и да почне со снимање и на дополнителните индикатори за безбедност на сообраќајот. 

ЗАКЛУЧОК

Во последно време во науката за безбедност на сообраќајот се развиваат различни методи и техники со кои проактивно се постигнува унапредување на безбедноста на сообраќајот. Еден од начините е обидот врз основа на релевантни индиректни показатели да се направи обид да се дефинира состојбата во безбедноста на сообраќајот, и освен тоа, да се укаже на клучните проблеми во безбедноста на сообраќајот. Затоа, воведувањето на индикаторите во безбедноста на сообраќајот е значајно бидејќи врз основа на некои индиректни показатели може да се воочи што и во која мерка е небезбедно. Познавајќи ја врската меѓу сообраќајните незгоди и последиците од сообраќајните незгоди со соодветните избрани индикатори (на пр. % на користење на сигурносни појаси, % од пречекорувања на ограничена брзина, % на возачи на сообраќајниот тек кои возат под влијание на алкохол и сл.), можно е со мерење и утврдување на индикаторот во безбедноста на сообраќајот да се влијае на промена на состојбата. Имено, со правилно бирање, со соодветни техники на мерење, и на крај, со правилно толкување на вредностите на индикаторите може да се препознаат проблемите во безбедноста на сообраќајот и да се делува со цел истите да се елиминираат.

На локално ниво, исклучително е важно да се идентификуваат индикаторите, како еден од начините за препознавање и следење на проблемите во безбедноста на сообраќајот. На локално ниво почнуваат сите активности, односно на локално ниво во краен случај, се спроведуваат сите активности во поглед на безбедноста на сообраќајот. Поради тоа е неопходно локалните власти и субјектите задолжени за безбедноста на сообраќајот на локално ниво да ја сфатат и да ја разберат важноста на индикаторите во безбедноста на сообраќајот и со одговорните структури да изберат соодветни показатели и индикатори кои треба да се следат, мерат и оценуваат и резултатите од тие мерења да ги имплементираат во своите програми за подобрување на безбедноста на сообраќајот.

На овој начин би се дејствувало превентивно и проактивно врз безбедноста на сообраќајот, што е и една од целите на струката и науката во безбедноста на сообраќајот, да се најде начин да се реагира на небезбедноста и да не се чека небезбедноста да се појави. Со други зборови, не треба да се реагира на безбедноста на сообраќајот само кога се случуваат незгоди, туку со соодветни техники треба да се предвиди и предупреди. 

Придобивките коишто ги носи овој проект врз безбедноста на сообраќајот се огромни и истиот го оправдува воведувањето на наведениот процес на следење на безбедноста на сообраќајот со поддршка на индикаторите на безбедноста на сообраќајот.

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Контакт формата на веб страницата служи исклучиво за поднесување електронски пораки и контакт со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Податоците испратени преку неа, како име и презиме, e-mail, телефон за контакт и содржина на пораката служат исклучиво за контакт со испраќачот на пораката и нема да бидат споделени со трети лица.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот