Вие сте тука

РСБСП со апел до мотоциклистите: Заради ваша безбедност – носете заштитна опрема!

Мотоциклистите како учесници во сообраќајот се важен чинител на безбедноста на целиот  сообраќаен систем. Возачите на мотоцикли кои учествуваат во сообраќајни незгоди често завршуваат со  лесни или тешки последици, а и процентот на смртни случаи е вознемирувачки висок. Поради нивната  директна изложеност кон надворешната околина, веројатноста од смртни случаи при сообраќајни незгоди со мотоцикли и мопеди е повеќепати поголема во однос на сообраќајните незгоди во кои учествуваат останатите моторни возила. Затоа од огромно значење e носењето на заштитна опрема и токму таа  ја прави разликата помеѓу живот или смрт.

Студиите велат дека во случај на сообраќајна незгода најподложни на повреди се главата, нозете и рацете на возачот на мотоцикл. Согласно тоа, од исклучителна важност е носењето на заштитна опрема како што се: кациги, заштитни пантолони, јакни, обувки, ракавици, очила и друго.

Носењето на заштитна опрема и облека, не само што штити и спречува телесни повреди, туку и служи да ги засолни мотоциклистите од надворешни влијанија, како што се: силна сончева светлина, ветрови, дождови, или пак инсекти и ситни камења исфрлени во воздухот од тркалата на други возачи непосредно пред нив. Заштитната опрема, честопати е и рефлектирачка, што ја зголемува видливоста на мотоциклистот кај другите учесници во сообраќајот со што дополнително се намалува ризикот од сообраќајна незгода.

Во летните денови, заради погодната надворешна температура, расте и популарноста на мотоциклите и мопедите кај возачите. Чувството на слобода и адреналинот кои произлегуваат од возењето мотоцикл, како и олеснетото движење низ сообраќајот, е она што најмногу ги привлекува возачите на мотоцикли. Но, истовремено, кај некои мотоциклисти, високите температури создаваат и одбивност за користење на заштитна опрема затоа што заштитната опрема може да создава чувство на задушливост, особено во летните денови кога температурите се енормно високи. Притоа, секој мотоциклист треба да се запраша дали оваа мала и краткотрајна непријатност е доволно причина за да го ризикува својот живот, а и животите на оние околу него.Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата  (РСБСП)  апелира до сите возачи на мотоцикли и мопеди, задолжително да носат заштитна опрема и да ги почитуваат сообраќајните  правила и прописи, со цел  да се избегнат несакани последици и пред сè да се заштитат самите себе.

Биди вистински мотоциклист! Безбедноста нека ти биде на прво место! Носи заштитна опрема!

Целни групи

  • Автомобили
  • Велосипедисти
  • Деца во сообраќајот
  • Млади
  • Моторциклисти
  • Пешаци

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Контакт формата на веб страницата служи исклучиво за поднесување електронски пораки и контакт со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Податоците испратени преку неа, како име и презиме, e-mail, телефон за контакт и содржина на пораката служат исклучиво за контакт со испраќачот на пораката и нема да бидат споделени со трети лица.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот